Yusuf Özcan
19 Септември 2019•Ажурирај: 20 Септември 2019
СТРАЗБУР (АА) - Европскиот парламент (ЕП) го осуди кршењето на правата на араканските муслимани, пренесува Anadolu Agency (AA).
На Генералното собрание на ЕП во Стразбур, Франција, Резолуцијата со која се осудува кршењето на правата на араканските муслимани, беше усвоена со 546 гласа „за“ и 94 гласа „против“. Воздржани беа 12 европарламентарци.
Резолуцијата ја повикува Владата на Мјанмар да го избегне кршењето на правата на араканските муслимани.
Покрај тоа, од Владата на Бангладеш е побарано араканските бегалци да не ги испраќа во Мјанмар.
Во Резолуцијата се истакнува задоволството од тоа што главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Фатоу Бенсуда, побарал истрага за злосторствата на Мјанмар против араканските муслимани.
Марзуки Дарусман, претседателот на Меѓународната независна мисија за истражување во Мјанмар, во изјавата дадена вчера истакна дека сѐ уште постои опасност од геноцид врз вкупно 600.000 муслимани од Аракан, од кои 120.000 живеат во камповите.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе, од кои повеќето муслимани, беа масакрирани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во Бангладеш избегале над 745 илјади лица. Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на договорот што го постигна со Мјанмар, за враќање на араканските бегалци што се наоѓаат во Бангладеш во нивните земји.
Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го окарактеризираа како етничко чистење или геноцид.
Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без притоа да се обезбеди безбедна средина, ќе доведе до ново етничко чистење.