Tayfun Salcı
19 Септември 2019•Ажурирај: 20 Септември 2019
ЛОНДОН (AA) - Амбасадорот на Саудиска Арабија во Лондон, Калид бин Бандар ал Сауд, изјави дека убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги претставува „дамка“ за Саудиска Арабија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во разговор за „Би-би-си“ (BBC), Ал Сауд за убиството на Кашоги рече дека никако не смеело да се случи.
„Она што се случи во Истанбул пред околу една година, претставува „дамка“ за Саудиска Арабија, нашата култура, нашиот народ и за нашата Влада“, изјави саудискиот амбасадор.
Новинарот и колумнист на „Вашингтон пост" (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
По повеќедневни тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија соопштија дека Кашоги е убиен во текот на наводна расправија во Конзулатот.
Во извештајот на Обединетите нации (ОН) објавен во јуни оваа година се вели дека убиството на саудискиот новинар, Џамал Кашоги, кој беше убиен минатата година во саудискиот Конзулат во турскиот град Истанбул, претставува „вонсудска егзекуција“ за која е одговорна Саудиска Арабија.
Специјалната известувачка на ОН за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Каламард, го подготви извештајот во кој вели дека пронашла „веродостојни докази“ за понатамошно испитување на индивидуалната одговорност на саудиските официјални претставници во врска со убиството на Кашоги, вклучувајќи го и саудискиот принц Мухамед бин Селман.