Rania R.a. Abushamala
16 Октомври 2023•Ажурирај: 17 Октомври 2023
КАИРО (АА) - Египетската Црвена полумесечина соопшти дека камионите со помош почнале да се движат од египетскиот Ал Ариш кон граничниот премин Рафах со Газа, јавува Анадолу.
Во соопштението за Анадолу, Калед Заид, директор на египетската Црвена полумесечина во Северен Синај, утринава изјави: „Камионите со помош почнаа да се движат кон граничниот премин Рафах.“
„Во камионите се наоѓаат резерви од храна и медицинска опрема“, рече тој.
Не е познато точното време кога помошта ќе влезе на преминот Рафах, рече тој, додавајќи: „Египетските власти побараа камионите да почнат брзо да се движат кон преминот.“
Египетската Црвена полумесечина во моментов е одговорна за собирање помош од земјите и институциите што праќаат хуманитарна помош.
Египетската Црвена полумесечина објави на Фејсбук дека од неделата вечер на меѓународниот аеродром „Ал Ариш“ пристигнала помош од Туркије, Јордан и Обединетите Арапски Емирати, покрај пристигнувањето на копнени конвои со стотици камиони и тони хуманитарен материјал од Националната коалиција за работа на граѓанскиот развој (Египетско хуманитарно собрание).
Десет дена по конфликтот со палестинската група Хамас, израелското бомбардирање и блокадата на Појасот Газа продолжија, при што беа раселени над еден милион луѓе - речиси половина од вкупното население на Газа.
Газа се соочува со страшна хуманитарна криза без струја, а водата, храната, горивото и медицинските резерви се при крај, додека цивилите бегаат на југ по израелското предупредување да се евакуираат северните области.
Конфликтот започна кога Хамас ја иницираше операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, ненадеен напад од повеќе страни, вклучително и лансирање ракети и инфилтрации во Израел преку копно, море и воздух.
Хамас рече дека операцијата е одмазда за упадот во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и за зголеменото насилство на израелските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позиции на Хамас во Појасот Газа.
Бројот на загинати Палестинци во израелските воздушни напади врз Газа се искачи на 2.750, од кои 750 деца. Во Израел се убиени 1.300 лица.