Associated Press
11 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
ТОКИО (АА) - Јапонија денеска оддаде почит на жртвите и ја обнови потрагата по оние кои сѐ уште се водат како исчезнати во големиот земјотрес и цунамито пред 11 години, кое, исто така предизвика нуклеарна катастрофа во Фукушима каде што десетици илјади сѐ уште не можат да се вратат дома, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жителите на северните префектури Ивате и Мијаги погодени од цунамито, се спуштија на брегот за да им оддадат почит на жртвите. Во 14:46 часот, во моментот кога областа на 11 март 2011 година ја погоди земјотрес со јачина од 9 степени, собраниот народ со минута молк им оддаде почит на починатите.
Земјотресот со јачина од 9 степени според Рихтеровата скала пред 11 години ја погоди Јапонија. По земјотресот, североисточниот брег на Јапонија го погоди цунами, кој нанесе огромна штета и предизвика истекување на нуклеарно гориво од Нуклеарната централа „Фукушима“.
Тоа беше најголемата светска нуклеарна катастрофа, 25 години по онаа во „Чернобил“. Три реактори почнаа да се топат, радијацијата почна да протекува, а 160.000 лица, кои живееја во тој регион, беа евакуирани. По оваа катастрофа, 50 реактори во државата привремено беа затворени.
Премиерот Фумио Кишида денеска се помоли за жртвите од тројната катастрофа и го повтори ветувањето дека ќе ги поддржи напорите за понатамошна обнова на Фукушима.
„Закрепнувањето од нуклеарна катастрофа бара долгорочна реакција“, рече Кишида, ветувајќи дека Владата ќе пружи поддршка за подобрување на животната околина за жителите кои се враќаат и ја ревитализираат локалната индустрија.
Во Натори, префектурата Мијаги, жителите по 14:46 часот во воздух ги пуштија шарените балони со пораки за своите најмили.