БЕРЛИН (АА) - Германија треба да ги реформира законите за државјанство и имиграција за да привлече повеќе квалификувани работници од странство, изјави за Агенција Анадолија (АА) висок експерт за миграција.
„Бројот на оние што се пензионираат е поголем од оние што влегуваат на пазарот на трудот. Така, без имиграција, германската економија би можела да се соочи со големи проблеми“, изјави професорот Пану Поутвара за АА.
Поутвара, директор на Центарот за миграциско истражување на Институтот „Ифо“ со седиште во Минхен, рече дека на Германија ѝ требаат 400.000 квалификувани работници секоја година за да ги задоволи барањата на пазарот на трудот, според официјалните проценки.
Најголемата економија на ЕУ моментално се соочува со значителен недостиг на работна сила, особено во информатичката технологија, обновливите извори на енергија, градежништвото, инженерството и медицинскиот сектор.
Поутвара рече дека планираните реформи на Владата во Законот за имиграција може да ѝ помогнат на земјата да се справи со демографските предизвици и да остане конкурентна.
„Генерално, ова е многу модерен закон, и можеби е најсовремен“, рече тој, но предупреди дека многу зависи од неговата имплементација и намалувањето на бирократијата.
„Големо прашање е колку непречено ќе биде спроведувањето, особено времето на чекање во амбасадите и конзулатите. Ако тоа време на чекање може доволно да се скрати, законот има голем потенцијал“, рече тој.
„Друг проблем што го има Германија и може да го реши е бирократијата. Така, на пример, кога станува збор за препознавање на вештините на медицинските сестри, тоа трае предолго во Германија и забрзувањето на таквите административни процеси е најважниот дел од новиот Закон за имиграција“, додаде тој.
- Достигнување на САД и Велика Британија -
Според планот, Германија ќе усвои нов имиграциски систем заснован на поени во 2023 година, сличен на канадскиот модел, кој ќе им овозможи на добро квалификувани граѓани кои не се членки на ЕУ, да дојдат и да бараат работа.
Реформата предвидува и поедноставување на административните процедури за признавање на професионалните квалификации на имигрантите и олеснување за нивно носење членови на семејството.
Германските индустриски здруженија и компании долго време повикуваат на реформи, нагласувајќи дека земјата заостанува зад традиционалните имиграциски земји во привлекувањето висококвалификувани имигранти и нудењето можности.
„Не би рекол дека Германија е непопуларна. Така, во моментов, Германија е по САД, земја која има најголем број имигранти во светот. Но, вистина е дека кога станува збор за привлекување, да речеме, на пример, ИТ-професионалци, лекари или медицински сестри, тогаш Германија е во послаба позиција од САД или Велика Британија, Канада“, рече Поутвара.
„Голема причина за ова е јазикот, така што земјите од англиско говорно подрачје имаат предност бидејќи многу потенцијални имигранти зборуваат англиски, или како мајчин јазик или го учеле на училиште“, рече тој.
Планираните реформи на Германија, исто така, ќе им овозможат на имигрантите да имаат двојно државјанство или повеќе националности, што во моментов не е можно за имигрантите од одредени земји.
Поутвара рече дека реформата ќе биде позитивен чекор и ќе ја подобри интеграцијата на имигрантите и нивните деца.
„Би рекол дека, дефинитивно, можноста побрзо да стекнете државјанство помага во интеграцијата“, рече тој, цитирајќи различни студии.
„Добивањето државјанство ги прави луѓето поинтегрирани и им дава, особено на децата, посилни стимулации да инвестираат во вештини специфични за земјата“, рече тој, мислејќи на јазичните вештини и културното знаење.
„Има смисла барањето јазични вештини за тестирањето за државјанство, бидејќи доколку не се прави тест за докажување на јазичните вештини, тогаш ќе има помал поттик да се инвестира во учењето јазик“, рече тој.
- Скратување на чекањето -
Германската централнолиберална коалициона Влада планира да ја финализира работата на законските измени во наредните недели и да ги достави до Парламентот на одобрување во првата половина на 2023 година.
Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц, Зелените и пробизнис Слободните демократи ветија дека ќе ги реформираат законите за државјанство и имиграција кога го потпишаа нивниот коалициски договор во декември 2021 година.
Како дел од имиграциските реформи, оние кои веќе неколку години живеат во Германија, би требало полесно да станат нејзини државјани. Наместо осум години, како што е моментално, би требало да може да се добие државјанство по само пет години престој во Германија.
Во случај на „посебни достигнувања за интеграција“, тоа треба да биде можно дури и по три години - на пример, ако имигрантите покажале особени академски, професионални достигнувања, доброволна посветеност или имаат особено добри јазични вештини.
Децата родени во Германија од родители кои не се германски државјани треба автоматски да станат Германци доколку едниот родител има „законско вообичаено престојувалиште“ во Германија веќе пет години. Досега тоа беше случај само по осум години.