Merve Yıldızalp,Mümin Altaş
15 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
АБУ ДАБИ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој престојува во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), изјави дека заедничката цел со ОАЕ е издигање на односите во сите области на многу поголемо ниво, јавува Агенција Анадолија (АА).
На вториот ден од посетата, Ердоган во Абу Даби се обрати на состанокот со бизнисмените и инвеститорите од ОАЕ, и во таа прилика потсети на посетата на престолонаследникот на Абу Даби, Мухамед бин Зајид ал Нахјан, на Турција во ноември минатата година, велејќи дека со таа посета започната е нова ера во односите на двете земји.
Истакнувајќи дека имаат силна заедничка волја за развој на комерцијалните односи и за зголемување на инвестициите, Ердоган кажа дека тоа меѓународно разбирање уште еднаш го потврдиле на вчерашните состаноци по кои се потпишани 13 билатерални договори.
Нагласувајќи дека ОАЕ се главниот трговски партнер на Турција во регионот на Персискиот Залив, Ердоган рече дека дури и во периодот на стагнација на билатералните односи обемот на трговската размена останал недопрен, а партнерствата помеѓу приватниот сектор и понатаму се живи.
Според неговите зборови, тоа е доказ дека билатералните економски и човечки односи имаат длабоко вкоренета историја и солидна инфраструктура.
„Нашата моментална заедничка цел е издигнување на нашите односи во сите области на многу поголемо ниво. Вчера се потпишани документи во широк распон, од индустрија и напредна технологија до транспорт, од здравство до земјоделство, и заедничките инвестиции јасно ја открија нашата желба заедно да работиме за таа цел“, порача Ердоган.
Додаде дека верува дека како држави кои меѓусебно се надополнуваат во економска смисла, за кратко време ќе дојдат до заеднички напредок. Ердоган наведе дека со тоа ги презеле потребните чекори за зајакнување на економските врски во сите подрачја, а особено во патната, воздушната, банкарската и финансиска смисла.
Понатаму наведе дека периодот на пандемијата на Ковид-19 јасно ја покажал силата и отпорноста на турската економија и оддалеченоста што ја поминала во последните 20 години.
„Со процесот на епидемијата управувавме мирно, со својата политичка стабилност, брз механизам на донесување одлуки и нашиот пристап на управување кој го поттикнува производството, вработувањето и инвестициите. 2020 година кога глобалната економија се намали за 3,4 проценти, остваривме стапка на раст од 1,8 отсто. Во истиот период индустриското производство беше најголемо во 2020 година. Станавме растечка земја“, заклучи Ердоган.