Merve Yıldızalp Yormaz,Zafer Fatih Beyaz
10 Август 2025•Ажурирај: 11 Август 2025
- Мерве ЈИЛДИЗАЛП / Зафер ФАТИХ БЕЈАЗ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, 11 години ја извршува функцијата, мандат што го започна со изборите на 10 август 2014 година, пишува Анадолу.
Турскиот народ излезе на гласачките места на 10 август 2014 година за да го избере својот прв претседател по уставниот амандман од 2007 година, кој овозможи директен избор на претседателот на земјата со гласање од народот.
Ердоган на изборите освои 51,79 % од гласовите и стана 12-ти претседател на Република Турција. Ердоган ја презеде функцијата со 21.143.000 гласа од 40.545.911 важечки гласови.
Во периодот што следеше, Турција, каде на дневен ред беа дискусиите за промена на системот, на 16 април 2017 година, повторно излезе на гласачки места за да гласа за уставниот амандман кој предвидуваше претседателски систем на владеење со земјата.
На референдумот 51,41 % гласаа „за“, а 48,59 % биле „против“. Уставниот амандман стапи на сила откако конечните резултати беа објавени во Службениот весник на Турција на 27 април.
Изборите за избор на прв претседател на новиот систем и членови на 27-от мандат на Парламентот се одржаа на 24 јуни 2018 година.
На претседателските избори се натпреваруваа шест кандидати. „Народниот сојуз“, формиран од Партијата на правдата и развојот (АК) и Партијата за национално движење (МХП), го номинираше претседателот Реџеп Таип Ердоган. Републиканската народна партија (ЏХП) го кандидираше Мухарем Инџе, додека кандидат на Народната демократска партија (ХДП) беше Селахатин Демирташ. Мерал Акшенер, претседателка на партијата ИЈИ, ги собра потребните 100.000 потписи на гласачите и аплицираше за претседателски кандидат. Темел Карамолаоглу беше кандидат на Партијата Саадет, додека кандидат на Патриотска партија беше Догу Перинчек.
- Прв претседател на новиот систем
Победници на изборите беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и Народниот сојуз.
Откако Ердоган, првиот претседател на новиот систем, положи заклетва во Големото национално собрание на Турција, се одржа церемонија во Претседателскиот комплекс. Првиот кабинет на новиот систем беше одобрен од претседателот Ердоган на 9 јули 2018 година.
Вторите претседателски избори во Турција се одржаа во 2023 година. На овие избори што се одржаа на 14 мај покрај актуелниот претседател Ердоган учествуваа и Кемал Киличдароглу, Синан Оган и Мухарем Инџе, но Инџе ја повлече својата кандидатура три дена пред почетокот на изборите.
Ердоган освои 27.133.849 гласови од 54.796.049 важечки ливчиња во првиот круг, завршувајќи со водство од 49,25 %. Киличдароглу освои 24.595.178 гласови, односно 44,88 %. За кандидатот Оган гласаа 2.831.239 лица, односно 5,17 % од гласачите, додека за Инџе, кој се наоѓаше на изборното ливче и покрај тоа што ја повлече својата кандидатура, освои 0,43 % од гласовите, односно за него гласаа 235.783 лица.
Бидејќи ниту еден кандидат не доби повеќе од 50 % од гласовите, Ердоган и Киличдароглу, кандидатите со најголем број освоени гласови на изборите на 14 мај, повторно се соочија во вториот круг од претседателските избори кои беа закажани за 28 мај.
Реџеп Таип Ердоган, на овие избори освои 52,16 % од гласовите (27.725.131) и беше реизбран за претседател на Турција, додека неговиот противник, Кемал Киличдароглу, освои 47,84 % од гласовите (25.432.951).
По овие избори Ердоган го започна својот втор мандат според новиот систем. Претседателот Ердоган веќе 11 години ја извршува оваа функцијата од неговата прва претседателска победа на изборите што се одржаа на 10 август 2014 година.
Во овој период, Турција се вклучи во интензивна дипломатија во надворешната политика, особено по прашањата како што се нападите на Израел врз Газа, војната меѓу Украина и Русија и кризата во Сомалиленд помеѓу Етиопија и Сомалија. На внатрешен план, тој се обиде да ги избрише лузните од земјотресите со епицентар во турската област Кахраманмараш кои ја потресоа Турција на 6 февруари 2023 година, несреќа која беше опишани како „катастрофа на векот“. Во овој период, Турција беше и најважниот поддржувач на победата на Азербејџан во Карабах.
- Напори за „Турција без терор“
Откако ги направи своите историски чекори во бројни области, од безбедноста и демократијата до економијата и технологијата, од одбранбената индустрија до надворешната политика, Турција првите чекори кон „Турција без терор“ ги направи под водство на претседателот Ердоган со Народниот сојуз.
Парламентарната Комисија формирана како дел од процесот „Турција без терор“ ја започна својата работа под името „Комисија за национална солидарност, братство и демократија“.