Ahmet Gürhan Kartal
11 Октомври 2019•Ажурирај: 14 Октомври 2019
ЛОНДОН (АА) - Нобеловата награда за мир за 2019 година му е доделена на премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед Али, соопшти денес норвешкиот Комитет за доделување на Нобеловата награда, јавува Anadolu Agency (AA).
Наградата му е доделена за неговите „напори за постигнување мир и меѓународната соработка, како и за неговата одлучна иницијатива за решавање на граничниот конфликт со соседна Еритреја“, истакна портпаролката на Комитетот на прес-конференцијата во Осло.
„Наградата е наменета и за сите засегнати страни кои работат за постигнување мир и помирување во Етиопија и во источните и североисточните региони на Африка“, се вели во објавеното соопштение.
„Норвешкиот Нобелов комитет се надева дека Нобеловата награда за мир ќе го зацврсти премиерот Абиј во неговата значајна работа на полето на мирот и помирувањето“, се додава.
Нобеловиот комитет истакнува дека „Етиопија е втората најнаселена земја во Африка и е најголема економија во Источна Африка. Мирна, стабилна и успешна Етиопија ќе има многу позитивни ефекти и ќе помогне во зајакнувањето на братството меѓу земјите и народите во регионот. Имајќи ги предвид јасните одредби на Алфред Нобел, норвешкиот Нобелов комитет го гледа Абиј Ахмед како личност која во претходната година направи најмногу за да ја заслужи Нобеловата награда за мир за 2019 година.“
Еритреја се одвои од Етиопија во 1993 година.
Од 1998 до 2000 година, двете земји водеа војна во која загинаа 70.000 луѓе.
Двете земји постигнаа мировен договор минатата година, ставајќи крај на 20-годишниот воен конфликт благодарејќи на Абиј, кој беше иницијатор за започнување мировни преговори со Еритреја кратко откако беше избран за премиер во април 2018 година.