Elvir Hociç
24 Јануари 2016•Ажурирај: 25 Јануари 2016
САРАЕВО (АА) - Еминентна меѓународна група на академици подготвува документ со кој мештаните на грчките острови кои им помагаат на бегалците при нивното преминување на Егејското Море, ќе ги номинира за Нобелова награда за мир, јавува Anadolu Agency (AA).
Околу 900.000 бегалци минатата година стигнаа во Европа, а мнозинството од нив ја помина опасната рута во несигурни пловила преку Егејското Море. Мештаните на грчките острови Лесбос, Кос, Чиос, Самос, Родос и Лерос се организираа во таканаречена Мрежа на солидарноста за помош на бегалците.
Група угледни академици од прстижни универзитети како Оксфорд, Принстон, Харвард, Корнел и Копенхаген подготвува пријава за тие волонтери да се номинираат за Нобелова награда за мир.
Крајниот рок за номинација е 1-ви февруари, а иницијаторите веќе разговараа со грчкиот министер за миграции Јанис Музалес, кој вети целосна поддршка од грчката влада.
Кампањата покрената и на интернет веќе собра 280.000 потписи.
Свесни дека номинацијата за престижната Нобелова награда мора да гласи на одредено лице или организација, иницијаторите на номинацијата на грчките островјани најавија дека номинацијата ќе гласи на Мрежата на солидарност, која опфаќа волонтери кои први им пружаат помош на мигрантите.
Волонтерите на грчките острови им пружаат помош на мигрантите при испловување на брегот, помош во храна, облека, сместување и продолжување на патот кон западна Европа.
"Луѓето вклучени во волонтерското движење се организираа и им помагаа на бегалците и пред владите да сфатат дека постои криза", рече грчкиот активист Спиро Лимнеос за британскиот весник „The Guardian“.,
Матина Кацивели, 61-годишна активистка, изрази задоволство со фактот дека нивниот труд е препознаен и дека некој сака да ги номинира за Нобелова награда, но нагласува дека доволна награда е кога ќе видат насмевка на лицата на бегалците на кои им помагаат.