Şerife Çetin
25 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) порача дека мировниот процес во Либија треба да се води под покровителство на ОН во рамките на Берлинскиот процес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на новинарското прашање за предлогот на претседателот на Тунис, Каис Саид, дека племињата во Либија можат да го водат мировниот процес, портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, на прес-конференцијата изјави дека мировниот процес во таа земја погодена од војна треба да го организираат Либијците.
„Исто така, ЕУ смета дека мировниот процес треба да се спроведува под покровителство на ОН и во рамките на Берлинскиот процес“, додаде Стано.
Претседателот на Тунис за време на посетата на Франција предложи либиските племиња да се соберат и да го формираат Уставот, на начин сличен на оној во Авганистан.
Претседателот на Врховниот совет на Либија, Калид ал Мишри, изјави дека во Либија е невозможно да се примени авганистанскиот модел.
„Племињата во Либија не се политички партии, туку се дел од општественото ткиво“, изјави Ал Мишри.
Во Москва на 14 јануари оваа година се одржани мировни преговори кои се завршени безуспешно бидејќи Хафтар ги напушти преговорите. Пет дена подоцна во Берлин е одржана нова мировна конференција на која е заклучено дека во Либија е можно исклучиво мирно решение на кризата.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од ОН и меѓународните заедници, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.