Şerife Çetin
06 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносни политики, Џозеп Борел, рече дека го поздравуваат процесот на примирје договорен меѓу Турција и Русија со цел да се спроведе во зоната за деескалација во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел даде изјава за медиумите пред вонредниот состанок на министрите за надворешни работи во врска со Идлиб и бегалците, организиран во хрватскиот главен град Загреб, при што истакна дека процесот на примирје е индикатор на добра волја.
Тој нагласи дека ЕУ треба да ги подобри односите со Турција и Русија, и дека постојат бројни теми за кои треба да се разговара.
„Ги поздравувам вестите во врска со процесот на примирје. Ова се многу добри вести“, рече тој.
Борел истакна дека министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ немаат овластување да дадат придонес во спроведувањето на процесот на примирје.
„Ние треба повеќе да се фокусираме на хуманитарната димензија“, додаде Борел.
Тој се осврна и на дополнителните фондови за Турција: „Турција презеде многу голем товар со засолнување на 4 милиони мигранти. Треба да го разбереме тоа. Но сепак, мигрантите не треба да бидат користени како алатка за вршење притисок.“