Ekipa
12 Септември 2019•Ажурирај: 13 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Велика Британија не може да има договор без точка што ја вклучува ирската граница, се вели од Европскиот парламент, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Не можеме да имаме договор без (ирската) граница“, изјави на прес-конференцијата Давид Сасоли, претседател на Европскиот парламент, осврнувајќи се на мерката за избегнување на повторна физичка граница со Ирска.
„Не може да е појасно од ова. Ова е ставот на Европската комисија, став на европските институции, вклучувајќи го и Европскиот парламент“, изјави тој.
Сасоли истакна дека Европскиот парламент го има последниот збор за каков било вид договор за Брегзит.
Тој додаде дека Велика Британија не предложила никакви алтернативи за Договорот за напуштање на ЕУ.
Британскиот премиер Борис Џонсон инсистираше преговорите за можен договор да продолжат со европските официјални претставници.
„Во овој момент би сакал да ја истакнам оваа точка - Велика Британија нема предложено никакви алтернативи [за границата], ниту пак нешто што е правно кредибилно“, рече Сасоли.
Тој изјави дека доколку се случи напуштање на ЕУ без договор, тоа би било во целост одговорност на Велика Британија.
Тој, исто така, рече дека ЕУ ќе биде отворена за продолжување на рокот за Брегзит по 31 октомври, за да создаде простор за општи избори или да го спречи заминувањето без договор.
Британскиот парламент е суспендиран уште од вторникот, откако Кралицата се согласи на суспензијата, на барање на британскиот премиер Џонсон.
Шкотскиот суд вчера ја прогласи суспензијата за незаконска, но Владата соопшти дека ќе поднесе жалба за пресудата на Врховниот суд наредната недела.
Велика Британија треба да го напушти Блокот на крајот на октомври, по две продолженија на рокот дадени од ЕУ.
Џонсон инсистираше на тоа земјата да замине со или без договор на поставениот датум.