1 23
07 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
КАРТУМ
Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Судан денеска повика на независна истрага за смртта и насилството кои се случија за време на демонстрациите низ земјата, а кои започнаа од минатогодишниот воен пуч, јавува Агенција Анадолија (АА).
„ЕУ ја повторува потребата од независни истраги за сите смртни случаи и насилства и повикува сторителите да бидат повикани на одговорност“, се вели во соопштението на делегацијата.
„Мора да престанат и нападите врз болниците, притворањата на активисти и новинари и прекините на комуникацијата“, се додава во соопштението.
Суданскиот лекарски комитет извести за убиството на тројца демонстранти во Картум во четвртокот, со што вкупниот број на загинати се искачи на 60 од почетокот на демонстрациите за „цивилно владеење“.
Одборите за отпор упатија јавен повик за одржување нова рунда демонстрации во главниот град и во другите градови за да побараат целосно цивилно владеење.
Немирите во Судан започнаа на 25 октомври кога суданската војска ја смени преодната Влада на премиерот Абдал Хамдок и прогласи вонредна состојба.
Пред военото преземање, со Судан управуваше Суверениот совет на воени и цивилни претставници, кој требаше да го надгледува периодот на транзиција до изборите кои се најавени за 2023 година.
Хамдок поднесе оставка на 2 јануари, шест недели откако се врати на својата функција во договорот со водачите на државниот удар. Но продемократското движење го отфрли тој договор.