Ata Ufuk Şeker
10 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
БРИСЕЛ
Европската унија (ЕУ) подготви нов итен план во случај да не постигнат трговски договор со Велика Британија до крајот на годината, јавува Агенција Анадолија (АА).
Комисијата на ЕУ го објави својот итен план, кој е подготвен поради се поголемата можност, Велика Британија која ја напушти ЕУ на 31 јануари, а е во процес на транзиција до 31 декември, да може да ја напушти Унијата без постигнат договор.
Според планот подготвен поради можноста за неуспех на постигнување консензус во преговорите за договорот кој би ги одредил трговските и идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија, страните ќе го продолжат својот основен воздушен и копнен сообраќај во текот на шест месеци.
Рибарите ќе продолжат да дејствуваат во меѓусебните територијални води до 31 декември 2021 година или евентуалното постигнување на договорот.
И покрај значајните неизвесности, Комисијата на ЕУ ќе продолжи да работи на трговскиот договор со Велика Британија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен и британскиот премиер Борис Џонсон се состанаа вчера во Брисел, но не успеаја да склопат договор за трговија и преговорите за да ги обликуваат идните односи.
Тие порачаа дека преговорите ќе продолжат до недела, но дека и понатаму постојат огромни несогласувања во ставовите.
Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, но Велика Британија и ЕУ и понатаму водат опширни преговори за билатералните односи, претежно во областа на трговијата.
Меѓу главните теми на преговорите се воспоставување на праведна конкуренција, како да се решат несогласувањата во врска со трговијата и рибарството.
Транзицискиот период трае до крајот на оваа година и Велика Британија до тогаш се однесува во согласност со правилата кои ги имаше и како членка на ЕУ.
Доколку страните не постигнат договор, трговските односи по 31 декември ќе бидат дефинирани според правилата на Светската трговска организација (WTO).