Ekipa
21 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин испрати јасен сигнал до меѓународната заедница дека тој единствено е заинтересиран за понатамошна ескалација на војната во Украина, изјави портпаролот на високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неодамнешната најава за делумна мобилизација на Руската армија и референдумите во четири украински региони се „само уште еден доказ дека Путин не е заинтересиран за мир, туку дека е заинтересиран за ескалација на неговата војна за агресија“, изјави Стано на дневниот брифинг на Европската комисија.
„ЕУ ги смета овие потези направени во текот на првата недела на Генералното собрание на ОН во Њујорк како јасен сигнал дека Путин е очаен да ја продолжи својата деструктивна војна, која веќе има толку многу лоши последици низ светот, наместо да бара мир и изнаоѓање решенија за конфликтот“, додаде тој.
Стано, исто така, истакна дека „Путин не само што ја напаѓа Украина“, туку „одлучи да ја нападне меѓународната заедница која верува во правилата на кои се заснова сегашниот свет, вклучително и врз Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право“.
Тој, исто така, ги опиша руските воени активности околу електраната „Запорожје“ и неодамнешните најави за употреба на нуклеарно оружје како „многу опасна нуклеарна коцка“.
„Меѓународната заедница треба да биде обединета во вршењето на потребниот притисок врз Путин да престане со ваквото непромислено однесување“, рече тој.
Стано, исто така, ја исклучи можноста дека ЕУ некогаш ќе ја признае анексијата на украинските територии од Русија и тврди дека планираните референдуми немаат никаков легитимитет.
Во објава на Твитер, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, исто така, го критикуваше прогласувањето мобилизација, која е објавена за време на заседанието на ОН, кои, како што нагласи „работат за соработка, безбедност и просперитет“.
Тој ја увери Украина за цврста поддршка од страна на ЕУ.
Путин претходно денеска прогласи делумна мобилизација во Русија, повикувајќи 300.000 резервисти да се приклучат на Армијата.
Тој вети и дека ќе ги искористи сите средства со кои располага, доколку територијалниот интегритет на Русија биде загрозен, што беше широко протолкувано како закана за употреба на нуклеарно оружје.
Вчера (вторник), украинските сепаратистички региони Луганск и Доњецк, и деловите на Запорожје и Керсон, под контрола на Русија, најавија одржување референдуми на 23 и 27 септември за приклучување кон Русија.