Ekipa
09 Септември 2022•Ажурирај: 10 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денеска целосно го суспендира Договорот за визно олеснување со Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Земјите членки на ЕУ официјално го одобрија суспендирањето на Договорот за олеснување на визниот режим на Блокот со Русија по политичкиот договор постигнат од министрите за надворешни работи на ЕУ минатата недела“, се вели во соопштението на Советот на Европската унија.
Одлуката, која денеска ќе биде објавена во Службениот весник на ЕУ, ќе се применува од 12 септември годинава.
Според новата одлука, таксата за виза ќе се зголеми од 35 на 80 евра, ќе биде потребна дополнителна документација, ќе биде потребно подолго време за обработка на визите, а ќе се воведат порестриктивни правила за издавање визи за повеќекратен влез.
„Договорот за поедноставување на издавањето визи за државјани на доверливи партнери со кои споделуваме заеднички вредности овозможува повластен пристап до ЕУ“, рече Вит Ракушан, чешкиот министер за внатрешни работи.
Како што изјави тој, со неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна, како и со неселективни напади врз цивилното население, Русија ја уништила довербата и ги загрозила основните вредности на меѓународната заедница.
„Денешната одлука е директна последица на дејствијата на Русија и е дополнителен доказ за нашата непоколеблива посветеност на Украина и нејзиниот народ“, рече Вит Ракушан, чешкиот министер за внатрешни работи.