Hasan Esen
11 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
БРИСЕЛ (АА) - Советот на Европската Унија (ЕУ) донесе одлука со која им се овозможува визна либерализација на државјаните на Украина во Шенген зоната, јавува Anadolu Agency (AA).
Земјите-членки на ЕУ ја одобрија новата регулатива со којашто се овозможува визна либерализација за државјаните на Украина кои патуваат во Европа.
Според новата регулатива, сите државјани на Украина кои поседуваат биометриски пасош ќе можат без да вадат виза, како туристи, и за бизнис или семејна посета да престојуваат во земјите од Шенген зоната во времетраење од 90 дена. Оваа регулатива не им дава за право на украинските државјани да работат во земјите на ЕУ. Со регулативата не е опфатена Велика Британија, која повеќе не е дел од Шенген зоната.
Претседавачот со ЕУ, министерот за внатрешни работи на Малта, Кармело Абела, изјави дека одлуката за воведување визна либерализација за државјаните на Украина е донесена по одлуката на раководството во Киев за реформи по прашањата за миграции, јавен ред и мир, безбедност, надворешни врски и основни права.
Еврокомесарот за миграциски прашања, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, рече дека со задоволство го прифаќа одобрувањето на оваа регулатива од страна на земјите-членки на ЕУ, и додаде: „Ова е последниот чекор кон визната либерализација за слободно патување на државјаните на Украина во Шенген зоната“.
Еврокомесарот Аврамопулос рече дека официјалните лица на Украина уште од почетокот досега првенствено ја започнале борбата против корупцијата и извршиле сериозни реформи на полето на управување со границите и во борбата со дискриминацијата. „Украина измина долг пат и денес е наградена“, рече Аврамопулос.
Визната либерализација за државјаните на Украина дојде на дневен ред во 2008 година, но Советот на Европската Унија даде зелено светло за оваа регулатива дури во 2015 година. Украина ги заврши реформите минатата година, и по одобрувањето од страна на Европскиот парламент, предлогот за визна либерализација беше претставен пред Советот на ЕУ.