Ahmet Furkan Mercan
30 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
АНКАРА
АХМЕТ ФУРКАН МЕРЏАН
Речиси половина, поточно 49 отсто од жртвите на трговијата со луѓе низ светот ги сочинуваат жени, 23 отсто девојчиња, 21 отсто мажи, а седум отсто момчиња.
Обединетите нации (ОН) во 2013 година, со цел заштита на правата на жртвите и подигање на свеста на јавноста, го прогласија 30 јули за Светски ден за борба против трговијата со луѓе.
Иако постојат различни бројки кога станува збор за жртвите на трговија со луѓе, факт е дека како последица на политичка нестабилност и лоши економски услови доаѓа до зголемување на овој проблем.

Имено, „Глобалниот извештај за трговија со луѓе 2018“ на ОН покажува дека жените и девојчињата се најчести жртви на глобалната трговија со луѓе.
Исто така се наведува дека 59 отсто од жртвите се принудени на сексуална експлоатација, а 34 отсто на принудна работа.
Извештајот покажува и дека во случаите со трговија на луѓе евидентирани низ светот во последните 15 години, жените и девојчињата сочинуваат 70 отсто од жртвите.
Освен тоа, 83 отсто од жените жртви во 2016 година беа жртви на сексуална експлоатација, 13 отсто на принудна работа, а во истиот период 82 отсто од жртвите мажи беа принудени на принудна работа, 10 отсто на сексуална експлоатација, а еден отсто на трговија со органи.
Дури 72 отсто од девојчињата жртви беа изложени на сексуална експлоатација, 21 отсто на принудна работа, додека 50 отсто од момчињата жртви беа принудени на работа, а 27 отсто на сексуална експлоатација.
Случаите на сексуална експлоатација се најчести во земјите на Средна Америка и Карибите, а следуваат Северна Америка и Југоисточна Европа.
Најмалку случаи се забележани во Источна и Северна Африка.
Од друга страна, случаите на принудна работа се најзастапени во Јужна Африка, а следуваат Источна Африка и земјите на Заливот. Подрачјата со најмалку случаи се Северна Африка и Средна Америка и Карибите.