Ömer Faruk Yıldız
30 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
БАНГКОК
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во однос на системите за воздушна одбрана „S-400“, набавени од Русија, истакна: „S-400 не претставува проблем за НАТО. Турција во многу области придонесува за активностите на НАТО“.
По средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во рамките на 52. Состанок на министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН), што се одржува во Бангкок, Тајланд, министерот Чавушоглу одговараше на прашањата на руските медиуми. Министерот, оценувајќи ги односите меѓу Турција и НАТО, се осврна и на средбата во Нурсултан, што ќе се одржи во август, за изнаоѓање политичко решение за Граѓанската војна во Сирија.
Чавушоглу, истакнувајќи дека на состанокот што ќе се одржи во Нурсултан, главниот град на Казахстан, на 1 и 2 август ќе се разговара за критичните прашања, рече: „Треба да ја зачуваме ладнокрвноста и да посветиме поголемо внимание на политичкиот процес. Ќе преговараме и за формирањето на Уставниот комитет. Работиме заедно за да го објавиме формирањето на комитетот.“
Во однос на прашањето дали по набавката на „S-400“ постои проблем во односите со НАТО, Чавушоглу истакна: „Ние со НАТО немаме проблем. Како што можевме да разбереме и од изјавите на генералниот секретар и неговиот помошник, набавката на „S-400“ не претставува проблем за НАТО. Турција во многу области придонесува за активностите на НАТО. Ова прашање никогаш не дојде на дневен ред на состаноците на НАТО“.
Чавушоглу, исто така, додаде дека купувањето на „S-400“ е прашање што ги засега односите меѓу Турција и САД, а не односите меѓу Турција и НАТО.