Enes Canlı
04 Јануари 2020•Ажурирај: 05 Јануари 2020
ТРИПОЛИ
Неколку илјади лица во главниот град на Либија, Триполи, излегоа на улиците за да ја прослават одлуката на Турција за испраќање војска во Либија, но и да протестираат против генералот Калифа Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Главниот собир е одржан на Плоштадот на паднатиот борец во самиот центар, а насобраните во таа прилика упатија порака за благодарност до Турција.
Насобраните граѓани во исто време остро ги критикуваа земјите што го поддржуваат Хафтар, а ги обвинија Обединетите нации (ОН) дека само немо ги следат случувањата и насилствата во Триполи.
Многумина носеа знамиња на Турција, Алжир и Тунис, извикувајќи слогани против земјите што го поддржуваат Хафтар.
Фетхи Саад (63), жител на Триполи, за АА рече дека ѝ се заблагодарува на Турција што го поддржала неговиот народ и неговата земја.
„Ѝ благодарам на Турција, на турскиот народ и на претседателот на Република Турција што ги штитат независноста, демократијата и слободата“, рече Саад.
Тој остро го критикуваше генералот Хафтар, напоменувајќи дека неговите сили веќе 10 месеци изведуваат напади врз луѓе, не бирајќи цели.
„Хафтар ни се закануваше со уривање на куќите, па поради тоа моравме да ги напуштиме своите огништа. Ѝ благодарам на Турција што нè спаси. Хафтар нè напаѓа“, додаде овој Либиец.
Големото народно собрание на Република Турција во четвртокот го изгласа законот кој предвидува испраќање сопствена војска во Либија.
Турција кон крајот на ноември потпиша два одвоени меморандума за разбирање со Владата на национално единство на Либија, која е меѓународно призната. Еден од меморандумите е за воена соработка, а вториот за поморските граници во Средоземното Море меѓу двете земји.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека потпишаните меморандуми ѝ даваат значајна стратешка корист на неговата земја.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш трае борбата за доминација меѓу ривалските табори со седиште во Триполи и Тобрук.
Водачот на сепаратистичките сили на истокот на Либија, Калифа Хафтар, во април започна напад за заземање на Триполи, кој беше одбиен од силите на Владата на национално единство со операцијата „Боркан ал Гадаб“. Хафтар на 12 декември соопшти дека започнува нов напад на Триполи.