Eshat Fırat
01 Декември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Во историскиот комплекс на Ал Акса, во старото јадро на Ерусалим, завршена е реставрација на ентериерот на двата најважни објекти на тој комплекс, Златната џамија и џамијата Акса, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа година ги завршивме проектите за реставрација на внатрешноста на Златната џамија и џамијата Акса, а наредната година ја започнуваме реставрацијата на нивната надворешност“, изјави за АА директорот на Канцеларијата на исламски вакуфи во Ерусалим, Азам ат Хатиб.
Хатиб истакна дека реставрацијата во Златната џамија траела осум, а на џамијата Акса две години, и дека тоа бил тежок проект со кој се реставрирани вкупно 1.800 квадратни метри површина прекриена со украси.
Комплексот на Ал Акса се простира на 15 отсто од површината на старото јадро во Ерусалим и е под израелска окупација, а претставува точка на спојување на три најголеми религии на светот. Златната џамија и џамијата Акса се два централни објекта, кои се дел од ѕидините на комплексот Ал Акса.
Златната џамија, или Кубетул Сахра, е една од првите, најверојатно и прва купола изградена во историјата на исламот. Изградена е од калифот Абдулмелик бин Мерван во 691 година. Оваа џамија, односно нејзината камена купола, има облик на октагон, со позлатен покрив, а по реставрацијата, ентериерот на овој објект блесна во полн сјај.
Месџидул Кибла е џамија во јужниот агол на комплексот на Ал Акса, а изградена е од калифот Омер бин Хатаб во 636 година. Токму на тој објект се мисли кога се вели Ал Акса, меѓутоа факт е дека Ал Акса е значително поширок комплекс во кој се наоѓаат музеи, медреси и други објекти.
По Харемот во Мека и џамијата на пророкот во Медина, Ал Акса е трето најважно место за муслиманите.