Ayşe Doğru
15 Јули 2019•Ажурирај: 16 Јули 2019
КАБУЛ (АА) - Најмалку 100 цивили загинаа во Авганистан во текот на 15 дена од месец јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите на дописникот на АА, во текот на јули има значително зголемување на насилствата низ целата земја.
Најмалку 100 лица ги загубија своите животи за две недели во насилствата во Авганистан, кои започнаа на првиот ден од месецот со бомбашкиот напад на Талибанците во близина на Министерството за одбрана, каде што загинаа 10 лица, а беа повредени 50 деца.
Две деца го загубија својот живот во нападот во провинцијата Газни на 7 јули.
Портпаролот на Талибанците, Сухаил Шахен, соопшти дека ќе ги испитаат нападите што довеле до смрт на децата.
- „На облеката од мојот син имаше дамки од крв“ -
Абдула од провинцијата Газни, во изјавата за дописникот на АА рече дека децата се плашат да одат на училиште.
„Тој ден ја слушнав експлозијата што се случи во близина на нашата куќа, по неколку минути моите деца стигнаа дома исплашени. Мислев дека училиштето ја прекинало наставата од безбедносни причини. Кога син ми дојде до мене, забележав крвави дамки на неговата облека. Иако сега син ми е добар, се плаши да оди на училиште“, рече Абдула.
Машехур Рахман (38), кој живее во провинцијата Маидан Вардак, е еден од илјадниците Авганистанци кои ги загубија своите најблиски во Граѓанската војна.
Минатата недела, во воздушниот напад на авганистанската Армија против Талибанците, Рахман го загуби целото семејство, сопругата, 4 ќерки, 3 синови и внуците. Тој, истакнувајќи дека ќе продолжи да ја бара правдата, рече дека и понатаму умираат цивили во регионите кои се далеку од центарот.
- Цивилни жртви во воените операции на Армијата -
И покрај тоа што Министерството за одбрана отвори истрага за воздушната операција во која загинаа цивили, во копнената операција извршена оваа недела врз здравствен дом, во истата провинција, животот го загубија 4 вработени.
Според „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ), безбедносните сили убиле еден придружник веднаш по влегувањето во клиниката, а болничкиот персонал и другите придружници ги заврзале.
Четворица вработени, кои биле одведени од безбедносните сили на испрашување, подоцна биле пронајдени мртви.
Директорот на хуманитарната организација „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) за Азија, Патриција Госман, истакна дека нападот на здравствените установи значи кршење на најосновните закони на војната и дека таквите напади ќе продолжат ако не бидат пронајдени и казнети одговорните лица.
„Авганистанската Влада мора да ги суди и командантите што ги наредиле тие убиства, а не само војниците кои пукале“, истакна Госман.
Според извештајот на Мисијата на Обединетите нации во Авганистан (UNAMA), за првиот квартал од 2019 година, во периодот од 1 јануари до 31 март животот го загубиле 581 цивил, од кои 150 деца, а биле повредени 1.192 цивили од кои 432 деца.
Според податоците на УНАМА, во првиот квартал од 2019 година, за прв пат цивилните жртви од Владата и нејзините сојузници се во поголем број од цивилните жртви од Талибанците и другите групи.