Esat Fırat
15 Јули 2019•Ажурирај: 17 Јули 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили, во рамки на операциите извршени од почетокот на 2019 година досега во окупираните палестински територии, вклучувајќи го и Ерусалим (Кудс), приведоа 2.759 Палестинци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според заедничкиот извештај објавен од различни организации, како Институцијата за заштита на човековите права, Ед Дамир Есир, Здружението на палестински затвореници и Делегацијата на палестински затвореници при Палестинската ослободителна организација, во операциите извршени од израелските сили за седум месеци во окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим, како и во Појасот Газа, кој е под блокада, приведени биле 2.759 Палестинци.
Се вели дека меѓу приведените има 446 деца и 76 жени, и дека дел од приведените Палестинци биле пуштени на слобода извесно време по нивното приведување, без да излезат пред суд.
Израелските сили често вршат рации во окупираните територии на Западниот Брег и Источен Ерусалим, и под различни образложенија приведуваат Палестинци.
По приведувањата, кои на Западниот Брег и во Источен Ерусалим станаа вообичаени, дел од приведените Палестинци, меѓу кои има деца и жени, со денови се држат во центрите за притвор.
Според официјални палестински извори, во израелските затвори има 5.500 Палестинци, од кои околу 500 административни притвореници и 220 деца.
Израел, со практиката наречена „административен притвор“, во зависност од разузнавачките информации, може да приведе Палестинци и да ги држи во притвор од 1 до 6 месеци.
Ако притвореникот се смета за „опасност за безбедноста на Израел“, воениот судија може да му го продолжи времетраењето на притворот до 5 години.