Selen Temizer
24 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Во седиштето на НАТО во белгискиот главен град Брисел започна вонредниот Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
На овој самит учествуваат лидерите на 30 земји сојузници. Турција ја претставува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а во име на Северна Македонија на самитот учествува премиерот Димитар Ковачевски, кој е придружуван од страна на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.
Во агендата на лидерите, кои се фотографираа пред почетокот на Самитот, се наоѓаат различни теми, пред сѐ настаните по рускиот напад во Украина.
Исто така, во рамки на Самитот ќе се разгледа и долгорочниот став на НАТО во Источна Европа. Шефовите на државите и владите на земјите членки на НАТО од синоќа одржуваат билатерални средби во Брисел.
По завршување на Самитот, дел од лидерите ќе продолжат со одржување на билатерални средби во седиштето на НАТО.
Меѓу другото, турскиот претседател Ердоган пред почетокот на Самитот се состана со францускиот претседател Емануел Макрон. Ердоган, исто така, ќе има интензивни билатерални средби.