Gökhan Kavak
02 Јуни 2021•Ажурирај: 03 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Зголемената потреба од риба и производи од риба во сектори како што се козметика, храна за домашни миленици и храна во европските земји, негативно влијаеше на безбедноста на храната кај 33 милиони луѓе во Западна Африка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Д-р Ибрахим Сисе, претставник на „Гринпис Африка“, во своето писмено соопштение наведе дека повеќе од половина милион тони мала риба се извезува во европските земји секоја година.
Сисе истакна дека во врска со тоа прашање подготвиле извештај под наслов „Променети пазари, хранење на едно чудовиште“.
Истакнувајќи дека зголемената потреба за риба негативно влијае на безбедноста на храната кај 33 милиони луѓе кои живеат во Западна Африка, Сисе рече: „Компаниите и државите кои ја поддржуваат индустријата за рибино брашно и рибино масло, ја крадат егзистенцијата и храната на локалното население.“
Меѓу другото, Сисе, вели дека 70 проценти од рибиното масло во Мавританија, една од западноафриканските земји, се извезува во земјите на Европската Унија (ЕУ), и дека Франција, Норвешка, Германија, Шпанија и Грција се меѓу земјите со најголема побарувачка на риба од Западна Африка.