Ruslan Rehimov
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, истакна дека руската држава и Армија се одговорни за смртта на луѓето во воздушните напади врз неговата земја, но дека за ова одговорни се и западните сили, кои не можеа да одлучат да го заштитат воздушниот простор на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање до нацијата, Зеленски истакна дека се борат веќе 13-ти ден и дека ги уништуваат напаѓачите најдобро што можат.
Потсетувајќи дека стотици руски авиони и хеликоптери летаат во украинскиот воздушен простор, Зеленски рече: „И нив ги уништуваме. Русија во последните 30 години нема изгубено толку многу авиони колку што изгуби во Украина во овие 13 дена. Но, тие сè уште имаат доволно машини за убиства. Сè уште имаат доволно проектили за терор. Имаат бомби од 500 килограми за да може да ги фрлаат врз обичните луѓе.“
Зеленски, нагласувајќи дека 13 дена им е ветена воздушна поддршка и авиони, рече:
„Секако дека руската држава и Армија се виновни за смртта на секој човек во воздушните напади и блокираните градови во Украина. Вината е на окупаторите кои ги прекршуваат сите правила на војната, намерно уништувајќи луѓе, но исто така одговорни се и оние, кои некаде на Запад, седат во своите канцеларии и 13 дена не можат да одлучат да го заштитат украинскиот воздушен простор.“