Ruslan Rehimov
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
КИЕВ (АА) - Во тек е евакуација на цивилите од пет украински градови, вклучително и главниот град Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Русија прогласи примирје од 10 часот по московско време поради евакуација на цивилите од пет украински градови, вклучително и главниот град Киев.
Одлуката за привремениот прекин на огнот на Министерството за одбрана на Русија за евакуација на цивилите од украинските градови Киев, Харков, Чернихив, Суми и Мариупол утрово стапи на сила.
Евакуацијата на цивилите продолжува и покрај тоа што руските сили повремено го прекршуваат примирјето. Дополнителни проблеми создаваат и врнежите од снег.
Гувернерот на Суми, Дмитро Живицки, наведе дека ја продолжиле евакуацијата со одредени тешкотии. Како што кажа, обезбедиле голем број автобуси за евакуација, со тоа што предност ќе имаат инвалидите, постарите лица и трудниците.
На фотографиите се гледа дека Украинците со себе во автобусите носат многу малку работи, додека некои луѓе ги напуштаат своите домови пеш.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, тврди дека руските сили држеле 300.000 цивили како заложници во Мариупол и ја спречиле евакуацијата и покрај договорот.
Третата рунда преговори помеѓу Русија и Украина заврши во понеделникот со „мали позитивни“ чекори во подобрување на хуманитарните коридори.
Првата рунда преговори се одржа на 28 февруари во Гомељ во Белорусија во близина на границата со Украина и траеше пет часа, а втората на 3 март во Брест, Белорусија.
Во втората рунда на мировните преговори помеѓу Москва и Киев, двете страни се договорија да создадат хуманитарни коридори за евакуација на цивилите и за испорака на храна и лекови.
Нападот на Русија врз Украина, што започна на 24 февруари, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а Европската Унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави (САД) воведоа низа економски санкции кон Москва.
Според податоците на Агенцијата за бегалци на ОН, околу два милиона луѓе ја напуштиле Украина и заминале во соседните земји.