Erbil Başay,Cüneyt Karadağ
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
БЕРЛИН - Претседателот на Украина Владимир Зеленски изјави дека војната на Русија против Украина има за цел изградба на нова верзија на Берлинскиот ѕид, но овојпат во срцето на Европа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски се обрати пред германскиот Бундестаг преку видеоконфернциски линк.
Наведувајќи дека економските односи меѓу Германија и Русија се мост кој оди над овој ѕид, Зеленски рече: „Вие не сакате да гледате зад ѕидот. Ова е меѓу нас. Одново има ѕид во Европа“.
Обраќајќи му се на германскиот канцелар Олаф Шолц, Зеленски рече: „Господине Шолц, урнете го овој ѕид. Дајте ѝ го на Германија лидерството што го заслужува. Ве молиме помогнете ни да ја запреме оваа војна“.
Тој истакна дека Русија со години бомбардира градови, станбени објекти, училишта, болници и цркви изградени од Украинците, и потсети дека илјадници Украинци ги загубија животите во изминатите три недели додека трае војната во земјата.
Нагласувајќи дека 108 деца се убиени во 2022 година во срцето на Европа, Зеленски рече: „Ви се обраќам по безбројните состаноци, безбројните преговори и големиот број чекори на поддршка за нас. Некои чекори дојдоа доцна. Се чини дека санкциите не беа доволни за да се запре војната“.
Додаде дека Украинците се борат за слобода: „Можеби светот не го гледа тоа сосема јасно. Ова не е Берлински ѕид. Ова е ѕид помеѓу слободата и ропството во центарот на Европа. Овој ѕид расте со секоја бомба што паѓа врз Украина, со секоја одлука што не е донесена која би помогнала во воспоставувањето мир.“
Потсетувајќи на гасоводот „Северен тек 2“ кој ќе транспортира руски гас до Германија, Зеленски истакна:
„Ви рековме дека Северен тек е подготовка за војна. Добивме одговор дека е чисто економски. Тоа беше малтерот за новиот ѕид. Ве прашавме што може Украина да направи за да влезе во НАТО, да добие гаранции по прашањето за својата безбедност. Тогаш ни беше одговорено дека таа одлука не е на дневен ред, дека не е јасно кое место ќе го заземеме. Сега, ако прашате дали Украина ќе влезе во Европската Унија… Да, ова е политика за некои. Кога ова ќе биде отфрлено, ќе има камења за новиот ѕид“.
Потсетувајќи дека градот Мариупол и неговата околина исто така се бомбардирани, Зеленски рече: „Во градот се бомбардирани стотици илјади луѓе. 24 часа, 7 дена во неделата. Нема храна, вода и струја. Руските војници не прават разлика меѓу цивили и воени елементи. Сè е цел за нив. Со земја е срамнет театарот во кој се засолнија стотици луѓе. Се уриваат породилишта и детски болници, станови кои не се воени. Конвоите со хуманитарна помош не можат да влезат во градот. Последните пет дена се пука без престан, за да не го спасиме нашиот народ. Сето ова ќе го видите ако погледнете зад ѕидот“.
Говорејќи дека за време на Втората светска војна за Берлин бил воспоставен мост за воздушен транспорт, Зеленски рече: „Воздушниот простор беше безбеден во времето кога беше воспоставен воздушниот мост во Берлин. Не беа фрлани бомби од небото. Но, сега тука, во нашата земја, не можеме да воспоставиме воздушен мост. Од небото доаѓаат само руски бомби и проектили“.