АБУЏА (АА)
- Адам АБУ БАШАЛ
Нигерија, земјата со најголема економија на африканскиот континент, во последните години се бори со економски и зголемени безбедносни проблеми.
Во западноафриканската земја Нигерија, зголемените безбедносни проблеми во последниве години влијаат на животите на милиони луѓе. Владата не може да најде решение за нападите на терористичките организации и вооружените банди врз цивили, киднапирањата за откуп и нападите врз училиштата.
Безбедносниот проблем го зголемуваат терористичките организации и вооружени банди Боко Харам и ИСВАП на северот на земјата, како и киднаперите и сепаратистичките организации кои се наоѓаат на југот на земјата.
Покрај тоа што Нигерија има богати подземни ресурси како што се нафта и природен гас, голем дел од населението живее во сиромаштија бидејќи приходите од нив не можат да се инвестираат на други места.
И покрај тоа што е богата со нафта, Нигерија од минатиот месец страда од недостиг на гориво.
Честите прекини на струја во земјата ја влошија економијата уште повеќе.
Погрешните економски политики, недостатоците во инфраструктурата, недоволното инвестирање во индустријата и несоодветноста во образованието и здравството, исто така ги спречуваат инвестициите и се причина приходот на земјата да оди во странство.
Нигерија, која е меѓу земјите со најголеми резерви на нафта во светот, често се соочува со недостиг на гориво поради недостиг на ресурси.
Нигерија продава, а потоа увезува сурова нафта. Неодамна увезе нафта со исклучително низок квалитет од Белгија.
Последниов месец и половина во земјата поради недостигот на бензин се создаваат долги редици на бензинските пумпи.
Исто така, поради недостигот на гориво за авиони, билетите за домашните линии се зголемија за приближно 95 отсто. Некои летови пак, се откажани.
Од друга страна, прекинот на достава на електрична енергија кој се случува во последните три дена негативно се одрази врз економијата на земјата.
Во земјата најголемиот број луѓе дневно добиваат просечно четири часа електрична енергија. Потребите за енергија се задоволуваат преку агрегати.
Генераторите пак, не можат да работат поради недостиг на гориво.
Безбедносниот проблем во земјата од ден на ден се зголемува поради нападите на терористичките организации Боко Харам и ИСВАП, акциите на вооружени банди, етнички групи, киднапери, сепаратистички организации и овчарско-земјоделски конфликти.
Земјата од една страна се бори против терористичките организации кои постојат на североистокот на земјата од почетокот на 2000-тите, од друга страна со вооружените банди кои се појавија во северозападните региони во 2017 година и ја влошија безбедносната ситуација.
Во Нигерија, каде што речиси секој ден се вршат вооружени напади, од јануари досега најмалку 400 луѓе ги загубија животите.
Поради безбедносните проблеми во земјата, повеќе од 130.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови и да имигрираат.
Повеќе од 10.000 деца не одат на училиште.
Иако казната за киднапирање за откуп во многу нигериски држави е смрт, овие злосторства не можат да се спречат.
Во земјава се киднапираат свештеници, странски работници, деловни луѓе, студенти и политичари и се бара откуп за нивно ослободување.
Најголем број киднапирања за откуп во земјата се случиле во јужните држави како Бајелса, Делта и Риверс, платени со повеќе од 15 милиони долари во 2017 - 2021 година.
Според извештајот за 2017 година на „Констелис“, американска безбедносна компанија која работи во 40 земји, Нигерија е на второто место во светот по настани за киднапирање, по Либија.
Економскиот експерт Шуаибу Идрис во изјавата за Агенција Анадолија (АА) за економијата на Нигерија рече дека треба да се следи правилна економска политика за одржлива економска стабилност на земјата.
Наведувајќи дека Владата донела погрешни одлуки во економското управување на земјата, Идрис рече: „Денес сме соочени со економски тешкотии, бидејќи во Нигерија не се спроведува долгорочна економска политика.“
Идрис рече дека иако земјата има богато земјоделско земјиште, економијата се базира само на нафта и дека има проблеми бидејќи не се обработува добро.
Истакнувајќи дека Нигерија има многу добро земјиште за земјоделски производи, Идрис додаде дека доколку земјиштето во сопственост на земјата се користи добро, може да извезува храна во цела Африка.
Меѓу другото, Идрис нагласи дека за закрепнување на економијата на земјата, Владата мора итно да преземе важни чекори во земјоделскиот сектор, во спротивно земјата ќе се соочи со прехранбена криза.
news_share_descriptionsubscription_contact


