Amir Latif Arain
06 Август 2023•Ажурирај: 07 Август 2023
Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди Источна Кина, при што беа урнати станбени објекти и повредени се најмалку 21 лице, објавија државните медиуми, пренесува Анадолу.
Земјотресот се случил на длабочина од 10 километри, објави весникот „Саут Чајна пост“, цитирајќи го кинескиот центар за земјотресни мрежи.
Потресот го погоди округот Пингјуан во покраината Шандонг во 02:33 часот по локално време.
Земјотресот бил почувствуван во неколку области во Северна Кина, вклучително и Пекинг и Тијанџин и провинциите Хенан и Хебеи, според извештаите на локалните медиуми.
Пингјуан е на околу 345 км јужно од Пекинг.
Досега вкупно 21 лице се повредени, а урнати се 126 згради во зоната на земјотресот, јави „Синхуа њуз“ со седиште во Пекинг.
Неколку видеа објавени на интернет покажаа дека жителите во паника брзаат надвор и бараат засолниште, при што во домовите се тресат лустерите и мебелот.
Централната Влада прати тим за да помогне во спасувачките напори, а железничката управа ги запре возовите што минуваат или заминуваат од погодениот регион.
Локалните власти започнаа итна акција за да организираат спасување и да ги проценат можните ризици.