Mohammad Sıo
05 Април 2024•Ажурирај: 07 Април 2024
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Десетици илјади палестински верници ја извршија последната петочна молитва (џума намаз) од светиот месец Рамазан во џамијата Ал Акса во окупираниот Ерусалим (Кудс), и покрај израелските ограничувања, јавува Анадолу.
„Молитвата ја извршија околу 120.000 муслимани“, изјави за Анадолу шеикот Азам ал-Хатиб, генералниот директор на Одделот за исламски вакаф во Кудс (Ерусалим).
Исто така, се верува дека денешниот ден, петок, се совпаѓа со Лејлетул-Кадр (Ноќ на одредението), единствената ноќ во годината кога портите на џамијата Ал-Акса остануваат отворени.
Лејлетул-Кадр е најсветата ноќ во исламот, ноќ кога е започнато објавувањето на Светиот Куран. Паѓа во една од непарните ноќи во последните 10 дена од месецот Рамазан.
Силен контингент израелска полиција е распореден на влезовите, околината и уличките низ градот, како и на надворешните порти на џамијата Ал Акса.
Израел го ограничи пристапот на палестинските верници до џамијата Ал Акса поради зголемените тензии низ окупираниот Западен Брег како резултат на тековната офанзива на израелската војска врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.
Џамијата Ал Акса е третото најсвето место во светот за муслиманите. Евреите го нарекуваат подрачјето Планина на храмот, тврдејќи дека тоа било место на два еврејски храма во старо време.
Израел го окупира Источен Ерусалим (Источен Кудс), каде што се наоѓа Ал Акса, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектира целиот град во 1980 година, потег што никогаш не беше прифатен од меѓународната заедница.