Kaamil Ahmed
19 Април 2017•Ажурирај: 20 Април 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Амбасадорот на Русија во Израел, Александар Шеин, овие денови ќе се состане со официјалните лица на израелското Министерство за надворешни работи, за да разговараат во врска со изгледите на руското признавање на Западен Ерусалим како главен град на Израел, пренесуваат тамошните медиуми.
Израелскиот весник „The Jerusalem Post“ објави дека се очекува рускиот амбасадор на состанокот да ја потврди намерата на Москва да преземе значаен чекор и да го признае Западен Ерусалим како главен град на Израел, но и тоа дека во иднина ќе го признае Источен Ерусалим како престолнина на Палестина.
Во претходното соопштение на Министерството за надворешни работи на Русија се наведува дека Москва одеднаш почнала да го разгледува овој потег во рамките на „дводржавното решение“ на повеќегодишниот блискоисточен судир.
Статусот на Ерусалим е една од многуте пречки во израелско-палестинските односи и во мировните преговори, со оглед на тоа што Израел тој град го прогласи за своја вечна и неделива престолнина. Меѓутоа, статусот на Ерусалим како престолнина на Израел не е меѓународно признат, па сите странски амбасади се сместени во Тел Авив.
Прашањето за статусот на Ерусалим повторно го отвори американскиот претседател Доналд Трамп, кој во периодот кога беше претседателски кандидат вети дека американската амбасада во Израел ќе ја премести во Ерусалим.
Меѓутоа, три месеци по неговиот избор за претседател, не се преземени никакви конкретни чекори во тој поглед.