Övünç Kutlu,Mustafa Keleş
26 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
ЊУЈОРК (AA) – Американскиот претседател Доналд Трамп го презема првиот чекор во спроведувањето на проектот за изградба на ѕид на границата со Мексико, што е едно од најзначајните ветувања од изборната кампања, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп, кој има намера со изградбата на ѕид на границата помеѓу САД и Мексико да ги спречи криумчарењето луѓе и трговијата со дрога, претходно изјави дека САД ја враќа контролата над своите граници.
Новиот американски претседател Доналд Трамп во текот на кампањата изјави дека мигрантите што илегално доаѓаат од Мексико им причинуваат штета на САД, и дека шверцерите, дилерите и другите криминалци поради недоволната гранична контрола преминуваат во САД. Тој во текот на изборната кампања вети дека подигне ѕид со цел да го спречи тоа.
Според податоците од 2014 година, во САД се наоѓаат 11,1 милиони илегални мигранти. Повеќе од половината, поточно 52 процента се Мексиканци, а пак 15 проценти се државјани на земјите од Средна Америка. Освен тоа, 12 проценти се мигранти од Азија, шест проценти од Јужна Америка, пет проценти од Карибите, како и пет проценти мигранти од Европа и од Канада.

САД и нивниот јужен сосед Мексико делат граница долга околу три илјади километри, а на еден дел од неа, во должина од 1.100 километри се протега фрагментиран ѕид, ограда и жица.
Вредноста на оваа мексиканско-американско бариера се проценува на 2,4 милијарди долари, а со помош на сензори и камери ја надгледува американската Управа за гранична контрола.
Бариерата започнува во сојузната американска држава Калифорнија, а се простира кон исток преку државите Њу Мексико, Аризона и Тексас.
Трамп има намера да го подигне ѕидот во делот надвор од мексиканско-американската бариера (кој е во должина од околу 1.900 километри), поточно на должина од 1.600 километри.
Поставувањето ограда наместо ѕид на одредени гранични делови е една од алтернативите.
- Трамп сака Мексико да ги плати трошоците за ѕидот -
Доналд Трамп во своето обраќање минатата година изјави дека претпоставува оти подигањето на ѕидот би чинело околу осум милијарди долари, и неколкупати во текот на кампањата спомна дека трошоците ќе ги плати Владата на Мексико.
Во вчерашното интервју за телевизијата „Еј-би-си“ Трамп изјави дека трошоците за ѕидот прво ќе ги платат американските даночни обврзници, но дека Мексико подоцна ќе им го исплати износот.
Трамп го најави почетокот на изградбата на ѕидот во наредните неколку месеци, а мексиканските власти јасно порачаа дека немаат намера да ги платат трошоците за овој проект.
Претходно портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер изјави дека Мексико на овој или на оној начин ќе ги врати тие пари.
- Трошоците за изградба на ѕидот можат да достигнат и до 25 милијарди долари -
Американскиот независен Институт за мигрантска политика (МПИ) предвидува дека изградбата на ѕидот ќе чини меѓу 15 и 25 милијарди долари, а негово одржувaње би чинело и до 700 милиони долари.
Тод Стернфилд, сопственик на градежна компанија со седиште во Тексас, истакна дека подигањето на ѕидот би можело да чини и до 26 милијарди долари.
Експертите сметаат дека ѕидот треба да биде висок 12 метри, широк 25 сантиметри, вкопан во земја до длабочина од два метра за да се спречи ископувањето на тунели.
На социјалните мрежи овој проект е критикуван со коментарите дека географските услови нема да дозволат да бидат поставени соодветни бариери и оти ѕидот нема да ги спречи мигрантите кои илегално влегуваат во земјата.
Извештајот од агенцијата за истражување „ПЕВ“ (PEW) покажува дека осум милиони од вкупно 11,1 милиони мигранти кои илегално живеат во земјата се активни и чинат пет проценти од вкупната работна сила на САД.
Најголем број мигранти од оние што немаат дозвола за престој живеат во сојузните држави Калифорнија, Тексас, Флорида, Њујорк, Њу Џерси и Илиноис. Околу 66 проценти од мигрантите живеат во САД повеќе од десет години. Повеќето од овие мигранти работат во секторите угостителство, испорака, градежништво...