Enes Canlı
08 Април 2023•Ажурирај: 09 Април 2023
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Најмалку едно лице загина, а шест се повредени во вооружен напад во израелскиот град Тел Авив, пренесува Анадолу.
Израелската полиција соопшти дека напаѓачот пукал од огнено оружје во центарот на Тел Авив, а во исто време, автомобил влетал во луѓе на улица.
Во соопштението се наведува дека во нападот е убиен еден турист, а повредени се шест лица.
Израелските медиуми информираат дека напаѓачот е неутрализиран.
На социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како израелската полиција пука во правец на автомобил што се преврте на улица.
Веста за нападот ја потврди и Министерството за надворешни работи на Израел.
Израелската војска вчера наутро изврши низа воздушни напади врз цели во Појасот Газа и Либан, соопштувајќи дека цел на нападите биле позиции на палестинската група за отпорот Хамас.
Палестинските групи во Газа исто така исфрлија ракети кон израелските населби во близина на границата.
Тензиите на Блискиот Исток се во подем последните неколку дена по израелските брутални напади врз верниците во џамијата Ал Акса.
Во вооружен напад во окупираниот Западен Брег претходно се убиени двајца, а потешко е ранет еден еврејски доселеник.