Ahmed Asmar
24 Ноември 2023•Ажурирај: 24 Ноември 2023
КУДС (АА) - Израелската Армија денес го објави завршувањето на подготовките за примање на израелските заложници држени во Газа, како што е договорено во договорот за хуманитарна пауза меѓу Израел и палестинската група Хамас, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Армијата, цитирано од информативната веб-страница „Тајмс оф Израел“, психолозите и експертите за ментално здравје треба да ги примат заложниците по нивното пристигнување.
Денес се очекува 13 Израелци да бидат ослободени од Газа во замена за ослободување на 39 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.
Според израелскиот весник „Једиот ахронот“, израелските власти префрлиле 24 палестински затвореници и 15 мажи во затворот Офер во близина на градот Рамала на Западниот Брег како подготовка за размена на затвореници со групата Хамас.
Според договорот за хуманитарна пауза во Газа, вкупно 50 Израелци кои се држени од Хамас ќе бидат ослободени во замена за 150 Палестинци притворени во израелските затвори, објавија израелските медиуми.
Четиридневната пауза меѓу израелската Армија и Хамас стапи на сила утринава во сите области на Појасот Газа, привремено прекинувајќи ги нападите за размена на затвореници и помош.
Израел започна брутални воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас, на 7 октомври.
Властите во Газа во вторникот соопштија дека бројот на загинати во израелските напади врз опколената енклава оттогаш достигнал 14.854, од кои над 6.150 се деца и над 4.000 жени, додека повеќе од 36.000 лица се повредени.
Бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200, соопштија израелските власти.