Betül Yılmaz
31 Јули 2025•Ажурирај: 01 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 60.239 Палестинци се убиени во геноцидната војна на Израел во Појасот Газа од октомври 2023 година, соопшти денес Министерството за здравство на Газа, јавува Анадолу.
Министерството истакна дека 101 тело се донесени во болниците во последните 24 часа, додека 625 лица се повредени, со што вкупниот број повредени во израелските напади се искачи на 146.894.
„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата, бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, додаде Министерството.
Објави дека 81 Палестинец се убиени, а над 666 се повредени додека се обидувале да дојдат до хуманитарна помош во последните 24 часа, со што вкупниот број Палестинци убиени додека барале помош достигна 1.320, а 8.818 се ранети, од 27 мај.
Израелската Армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби 9.071 лице, а повреди 34.853, кршејќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
Во понеделникот, израелските групи за човекови права „Б’Тселем“ и „Лекари за човекови права-Израел“ го обвинија Израел за геноцид во Газа, наведувајќи го систематското уништување на палестинското општество и намерното уништување на здравствениот систем на територијата.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.