Khalid Mejdoup
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
АЛ КУДС (АА) - Властите на Израел и Мароко потпишаа Меморандум за разбирање за соработка во областа на одбраната и безбедноста, што е уште еден чекор во нормализацијата на нивните билатерални односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Израел соопшти дека ресорниот министер Бени Ганц престојува во официјална посета на Мароко и дека со мароканскиот колега Абделатиф Лаудији потпишал Договор за безбедносна соработка.
„Договорот обезбедува солидна рамка која ги формализира односите меѓу двете земји во областа на одбраната и ја поставува основата што ја поддржува секоја идна соработка“, се вели во соопштението.
Исто така е наведено дека договорот ќе оневозможи одбранбените институции на двете земји да уживаат во зголемената соработка во областите на разузнавачката служба, индустриската соработка и воената обука.
Израел го поздрави договорот како важен чекор за продлабочување на односите со Мароко.
Ганц ја нагласи важната улога на Мароко во одржувањето на регионалниот мир и стабилност и ја нагласи потребата за понатамошно проширување на нормализацијата и мировните договори на Израел со новите партнери во регионот.
Весникот „Тајм оф Израел“ (Times of Israel), повикувајќи се на неименуван израелски официјален претставник, го опиша Меморандумот за разбирање како прв таков договор меѓу Израел и арапската држава досега.
Официјалниот претставник изјави дека и покрај блиските врски со Јордан и Египет, Израел нема такви меморандуми за разбирање со тие земји.
Ганц пристигна во Мароко синоќа во дводневна официјална посета, што е прва таква посета на израелскиот министер за одбрана во таа северноафриканска земја.
Посетата на Ганц, меѓутоа, предизвика осудувања од страна на здруженијата за човекови права во Мароко.
Израел и Мароко на 10 декември 2020 година постигнаа договор за обновување на дипломатските односи кои се прекинати во 2002 година по долгата палестинска интифада, со што Мароко стана четврта арапска земја која ги нормализира односите со Израел, и тоа по Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Бахреин и Судан.
Шефот на израелската дипломатија, Јаир Лапид, во август го посети Мароко и во Рабат ја отвори Израелската амбасада. И Мароко отвори свое дипломатско претставништво во Тел Авив и воспоставени се директни авионски линии меѓу двете земји.