Ahmed Asmar
16 Април 2024•Ажурирај: 17 Април 2024
РАМАЛА (АА) - Според очевидци, израелската армија денес изврши неколку рации низ окупираниот Западен Брег за да приведе Палестинци, јавува Анадолу.
Израелските сили извршија рација во градот Калкилија, на северниот дел на Западниот Брег, при што упаднаа во неколку домови во градот, изјавија очевидци за Анадолу.
Тие додаваат дека возилата на израелската армија намерно удирале во палестински автомобили за да ги оштетат, а снајперистите биле распоредени на куќите во градот.
Израелската армија, исто така, изврши рација во градот Хабле, Јужна Калкилија, и приведе најмалку четворица Палестинци.
Други израелски упади беа пријавени во Тулкарем, Витлеем, Рамала, Хеброн и Џенин, каде што најмалку петмина Палестинци беа приведени од страна на израелските сили, изјавија локални извори за Анадолу.
Упадите на израелската армија се случуваат во бранот насилства на илегалните доселеници врз Палестинците, при што запалија десетици палестински домови и автомобили.
Тензиите се зголемени низ окупираната територија поради тековните израелски напади врз Појасот Газа, во кои загинаа речиси 33.800 луѓе по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Според Министерството за здравство, оттогаш на Западниот Брег се убиени најмалку 468 Палестинци од истрели на израелската армија.