Awad Rjoob
21 Август 2023•Ажурирај: 23 Август 2023
РАМАЛА (АА) - Израелската армија урна четири палестински куќи во близина на градот Ерихон и приведе 15 Палестинци од неколку места во окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Во селото Двеик ал-Тахта, западно од Ерихон, урнати се четири куќи, од кои три населени и една во изградба, изјави за Анадолу, Адел Абу Нема, палестински новинар.
Тој рече дека уште шест куќи во Зона Ц добиле известувања за уривање.
Израелските власти забрануваат изградба или мелиорација во Зона Ц без дозволи, кои е речиси невозможно да се добијат, според Палестинците и меѓународните извештаи за човекови права.
Во рамките на Вториот договор од Осло, потпишан во 1995 година меѓу Палестинската ослободителна организација и Израел, Западен Брег беше поделен на три зони, А, Б и Ц.
Според тоа, Палестина управува со Зона А (18 отсто од Западен Брег) од административен и безбедносен аспект; исто така, управува со Зона Б (21 отсто од Западен Брег) само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста.
Израел ја има целата управа во Зона Ц (61 отсто од Западен Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.
Меѓу другото, Здружението на палестински затвореници соопшти дека израелската армија „во понеделникот привела 15 Палестинци од неколку места на Западниот Брег“.
Невладината организација изјави дека приведувањата во текот на ноќта се случиле во Тулакарм, Витлеем, Хеброн и Кудс.