Rania R.a. Abushamala
25 Јуни 2025•Ажурирај: 25 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 65 Палестинци, меѓу кои и многумина кои чекаа хуманитарна помош во храна, се убиени, а стотици повредени во израелските напади денес низ Појасот Газа, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Медицински извор за Анадолу изјави дека 17 лица, меѓу кои и две деца, се убиени, а повеќемина се повредени во два напада во населбата Шеџаја во источниот дел на градот Газа.
Осум лица се убиени од израелски оган додека се обидувале да дојдат до хуманитарна помош во подрачјето на Нецарим во централна Газа, соопшти палестинската новинска агенција Вафа, повикувајќи се на медицински извори.
Тројца Палестинци кои чекаа помош се убиени од израелската армија западно од градот Рафа во јужна Газа.
Медицински извор изјави дека денес од огнено оружје на израелската армија се убиени две лица, а неколкумина се повредени во централниот дел на градот Газа.
Израелската армија, исто така, уби девет Палестинци, од кои четири деца, а повеќемина се повредени во воздушни напади врз цивили и дом во западниот дел на градот Газа, соопштија медицински извори.
Пет други лица, меѓу кои и мајка и две нејзини деца, се убиени при израелско гранатирање врз палестинска куќа во северозападниот дел на градот Газа, според медицински извори.
Спасувачките екипи ги извлекоа телата на тројца Палестинци и спасија уште петмина од урнатините на две куќи во Џабалија Ал-Назла во северна Газа, по израелски воздушен напад. Неколку лица сè уште се водат како исчезнати под урнатините.
Десет Палестинци се исто така убиени, а неколкумина повредени во друг израелски напад врз две куќи во Деир ал-Балах и бегалскиот камп Нусејрат во централна Газа.
Спасувачките екипи извлекоа тело на млад Палестинец од урнатините во градот Абасан во источен Кан Јунис, изјави медицински извор.
Уште петмина Палестинци, меѓу кои и двајца кои чекаа помош, се убиени во израелски напади и израелски оган во Кан Јунис.
Уште двајца Палестинци се убиени, а други повредени во израелски воздушен напад врз толпа Палестинци во близина на џамијата Омари во Џабалија Ал-Балад, северна Газа.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во којашто убиени се над 56.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.