Ikrame Imane Kouachi
10 Август 2024•Ажурирај: 12 Август 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 100 Палестинци се убиени рано утрово кога израелската војска го бомбардираше училиштето Ал-Табаин во населбата Ал-Дараџ, во источниот дел на Газа, јавува Анадолу.
Во училиштето беа сместени раселените жители. Во нападот повредени се десетици.
Израелските воени авиони го нападнаа училиштето додека верниците ја извршувале утринската молитва, објави палестинската новинска агенција Вафа.
Владината Канцеларија за медиуми во Газа го осуди „масакрот“ во училиштето, велејќи дека нападот е „дел од пошироката кампања на геноцид и етничко чистење врз палестинскиот народ“.
Во соопштението, Канцеларијата за медиуми наведува: „Окупациската армија директно ги таргетираше раселените цивили додека ја извршуваа утринската молитва, (што) доведе до брз пораст на бројот на жртви“.
Канцеларијата ја стави „целосната одговорност за масакрот на израелската окупација и американската администрација“.
Канцеларијата за медиуми, исто така, ја повика меѓународната заедница и светските организации „да извршат притисок врз Израел да го запре тековниот геноцид и етничко чистење на цивилите и раселените луѓе во Појасот Газа“.
Во меѓувреме, израелската армија тврди дека во училиштето имало „оперативен воен штаб“ на палестинската група Хамас.
Тврди дека „преземени се неколку чекори за да се минимизира ризикот од цивилна штета“.
Со бомбардирањето на училиштето Ал-Табаин, вкупниот број училишта кои беа цел на израелската армија во градот Газа во текот на изминатата недела се зголеми на шест, според извештајот на Анадолу.
И покрај апелите во четвртокот од посредниците, Египет, САД и Катар, да се запрат непријателствата, да се постигне прекин на огнот и договор за размена на заложници, Израел продолжува со својата смртоносна офанзива во Појасот Газа.
Оваа ескалација дојде во време на заканите за одмазда од страна на либанската група Хезболах по атентатот на нејзиниот висок командант Фуад Шукр во израелски воздушен напад во Бејрут на 30 јули и заканите на Иран дека ќе возврати по атентатот на шефот на Политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, во главниот град Техеран на 31 јули, напад кој му се припишува на Тел Авив.
Во израелската офанзива врз Газа од октомври минатата година убиени се речиси 39.700 Палестинци, главно жени и деца, а над 91.700 се повредени.
Повеќе од 10 месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.