Zein Khalil,Mohammed Ghifari
18 Мај 2023•Ажурирај: 19 Мај 2023
КУДС (АА) - Кнесетот, израелскиот Парламент, усвои нов Предлог-закон со кој се забранува подигнување на палестинското знаме, пренесува Анадолу.
Според веб-страницата на Кнесетот, Предлог-законот именуван како „забрана за подигнување на знамето на непријателски ентитет“ го предложи екстремно десничарската партија Еврејска сила (Оцма Јехудит) на чело со министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир.
Се додава дека Предлог-законот бил поддржан од 54 пратеници наспроти 16 што гласале против.
Во Предлог-законот се наведува дека подигнувањето на палестинското знаме или други знамиња на држави класифицирани како непријатели на Израел „ќе претставува кривично дело за кое се предвидува затворска казна од една година“.
Предлог-законот беше одобрен на првата седница на Парламентот и има уште три седници до негово конечно усвојување.
Во јануари Бен-Гвир рече дека ѝ дал инструкции на полицијата да ги отстрани палестинските знамиња од јавните простори.
Дури и пред новиот Предлог-закон израелската полиција и војска имаа овластување да ги отстрануваат палестинските знамиња во случаи кога и каде што сметаат дека постои закана за јавниот ред.
Палестинското Министерство за надворешни работи, од своја страна, го осуди усвојувањето на Предлог-законот против палестинското знаме, нагласувајќи дека тоа е „доказ дека владејачкиот режим во Израел оди кон фашизам“.
Министерството предупреди дека потегот дополнително ќе го ескалира конфликтот.
Се додава дека неуспехот на меѓународната заедница да ги запре израелските прекршувања ги охрабрува да продолжат понатаму со своите колонијални планови и политиката на апартхејд.