Ekipa
25 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
ЈОГЈАКАРТА (АА) - Најмалку 10 лица загинаа, а 19 се повредени во пожар кој утрово избувна на нафтен извор во индонезиската провинција Ачех, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник на локалната Цивилна заштита соопшти дека пожарот избувнал на нафтен извор во селото Пасир Путих, од кој нафтата се вади на традиционален начин.
Истиот извор јави дека пожарот избувнал откако нафтата го преплавила изворот, а поголем дел од локалното население се обидувало во буриња да ја собере прелеаната нафта.
„Се случи експлозија која предизвика пожар на нафтениот извор, а огнената стихија бргу се прошири и луѓето немаа време да избегаат“, соопшти претставникот на Цивилната заштита.
Спасувачките екипи се наоѓаат на местото на несреќата, а се стравува дека билансот на загинати би можел да се зголеми, бидејќи пожарот сѐ уште не е изгаснат.
Најмалку пет куќи што се наоѓаа во близина на нафтениот извор изгореа во пожарот.