Sena Güler
10 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
ЏАКАРТА (АА) - Турската хуманитарна фондација „Дијанет“ (TDV) беше прва која донесе помош за населението погодено од природната непогода што го зафати подрачјето на Ломпио, мал регион во Индонезија, јавува Anadolu Agency (AA).
Абдула Учак, експерт за хуманитарна помош при турската фондација „Дијанет“ за АА изјави дека фондацијата била прва која стигнала во подрачјето што се наоѓа во Донгала, на островот Сулавеси.
Учак истакна дека хуманитарната помош што ќе ги покрие потребите за еден месец, се состои од храна и средства за лична употреба, и е веќе распределена на 1.040 семејства.
Тој нагласи дека во подрачјето на Ломпио заедно со неговиот колега експерт, Селахатин Карабостан, пристигнале четвртиот ден по земјотресот што го погоди индонезискиот остров Сулавеси на 28 септември, и ги спровеле потребните анализи.
„По анализите веднаш ја започнавме процедурата за хуманитарна помош“, додаде Учак.
Тој, исто така, истакна дека помошта е на пат и за пошироката област во регионот погоден од земјотресот, за оние што се соочуваат со тешкотии во исполнувањето на нивните основни потреби, особено во руралните средини.
На 28 септември островот Сулавеси беше погоден од земјотрес со магнитуда од 7,4 степени, кој предизвика цунами во подрачјето на Донгала и Палу, чија височина изнесуваше и до 3 метри.
Според воените надлежни органи, во катастрофата досега животот го загубиле над 2.000 лица.
Како што истакна Сутопо Пурво Нугрохо, портпаролот на Националната агенција за справување со катастрофи (BNPB), се стравува дека билансот на загинати би можел да порасне, бидејќи околу 5.000 лица сè уште се водат како исчезнати.