?kipa
10 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - АДХАМ КАКО / МУХАМЕД ШЕЈХ ЈУСУФ
Челниците на сириската опозиција како позитивен чекор го сметаат повлекувањето на артилеријата од фронтовите во Идлиб коешто заврши вчера, во согласноост со турско-рускиот договор за воспоставување демилитаризирана зона во таа сириска регија, јавува Anadolu Agency (AA).
Членот на Политичкиот комитет на Националната коалиција на опозициските и револуционерни сили на Сирија (SMDK), Јасер Ферхан, рече дека повлекувањето на артилеријата е показател на добриот и успешен сојуз на сириската опозиција и Турција.
„Повлекувањето на артилеријата е доказ дека опозицијата ѝ верува на Турција. Вооружените опозициски групи ја повлекоа артилеријата од фронтовите и покажаа дека успешно соработуваат со Турција“, изјави Ферхан за АА.
Ферхан, исто така, нагласи дека повлекувањето на артилеријата од фронтовите и јакнењето на контролните пунктови на Турските вооружени сили ќе биде од голема корист за локалното население во Идлиб.
„Така ќе ги спречиме силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад кои под различни изговори изведуваат напади во Идлиб. Спречено е и евентуалното продирање на терористите на ЈПГ/ПКК во регионот и нивното приближување до турската граница“, рече Ферхан.
Турција и Русија неодамна постигнаа договор за воспоставување демилитаризирана зона и отстранување на терористичките елементи од подрачјето на Идлиб, а Ферхан истакна дека тоа значи доаѓање на мирот за милиони цивили во тој регион кој е под контрола на сириската опозиција, а под опсада на Асадовите сили.
„Договорот од Сочи ќе донесе спокој. Неговата имплементација значи сигурност и прекин на артилериските и воздушните напади врз цивилите, децата и старите лица во Идлиб“, рече Ферхан.
Тој и понатаму изрази уверување дека воспоставувањето на мирот ќе овозможи и обнова на инфраструктурата и услугите за локалното население.
„Тоа е важна можност за сириската опозиција од воен, но и од политички аспект. Договорот од Сочи е важен чекор кон политичко решавање на сириската криза. Ги разбива ледените бариери кои режимот ги поставува на патот на преговорите во Женева. Опозицијата ќе има можност повеќе да соработува со меѓународната заедница, а режимот ќе се покори на резолуциите на Обединетите нации (ОН)“, заклучи Ферхан.
Воспоставувањето на демилитаризирана зона во Идлиб, како најголема бунтовничка енклава во Сирија, го договорија во средината на минатиот месец турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега Владимир Путин. Договорот предвидува до средината на овој месец да се воспостави безбеден појас во кој контролата на прекинот на огнот би го надгледувале турските и руските сили.
Целта на договорот е да се превенираат нови страдања на цивилите во Идлиб, кои би предизвикале нов бегалски бран кон Турција и кон Европа.