10 Октомври 2023•Ажурирај: 12 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Тел Авив бара од Палестинците кои живеат во Појасот Газа, најгусто населеното подрачје во светот, да се соберат на четири одредени локации во екот на ескалацијата на насилството помеѓу Израел и Палестина, пишува Анадолу.
Појасот Газа е тесна територија од 360 квадратни километри, долга 41 километар и широка од шест до 12 километри.

На север и исток се граничи со Израел, на запад со Средоземно Море и на југ со Египет.
Додека израелските власти бараат од Палестинците да го евакуираат поголемиот дел од регионот, војската бара од граѓаните на Газа да се збијат на четири одредени локации, покрај и онака високата густина на населеност во овие подрачја.
Во Појасот Газа живеат два милиона Палестинци или речиси 6.000 жители на еден квадратен километар, што е една од најголемите густини на населеност во светот.
Военото крило на Хамас, Бригадите Ал-Касам, во саботата наутро започна сеопфатна операција наречена „Поплава Ал Акса“. Илјадници ракети беа истрелани од Газа кон Израел, а вооружени групи влегоа во населените места во регионот.
Групата соопшти дека операцијата е одговор на израелските напади врз комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство од доселениците.
Бројот на Палестинци кои загинаа во нападите на израелските сили во Газа се искачи на 704, од кои 143 деца и 105 жени, соопшти рано утрово Министерството за здравство во Газа. Се наведува дека бројот на ранети пораснал на околу 4.000.