Haydar Karaalp
30 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
БАГДАД (АА) - Лидерот на Движењето Садр во Ирак, Муктада ал-Садр, истакнувајќи дека жали поради тоа што се случува во земјата од вчера, побара од своите приврзаници, кои се борат на улица, да се вратат во своите домови во рок од еден час, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шиитскиот лидер Садр на прес-конференција нагласи дека Ирак е сцена на „корупција и насилство“.
„Му се извинувам на ирачкиот народ поради судирите. Оваа револуција не е револуција бидејќи веќе не е мирољубива и не можам да ја наречам револуција. Не ни е потребна ваква револуција“, нагласи Садр.
Садр, заблагодарувајќи им се на премиерот Мустафа ал-Казими, ирачките сили и на елементите на Хашди ал-Шаби, го критикуваше присуството на милициите во земјата.
По повикот на Садр, полицискиот час во земјата е укинат.
Стотици поддржувачи на Садр вчера упаднаа во Претседателската и владината палата во Зелената зона во главниот град Багдад.
Безбедносните сили ги растераа демонстрантите пукајќи во воздух на различни точки во Зелената зона.
Во судирите што траат од вчера во Зелената зона, каде што се наоѓаат и претставништвата на странските мисии, регистрирано е дека близу 20 поддржувачи на Садр ги загубиле животите, а повеќе од 150 се повредени.
Поддржувачите на Садр започнаа протести низ целата земја, а беше прогласен полициски час на неодредено време.
- Поддржувачите на Садр почнаа да се повлекуваат од улиците -
По повикот на Садр, неговите вооружени поддржувачи почнаа да се повлекуваат од областа.
Повикот на Садр за „враќање дома“ до неговите вооружени поддржувачи кои се судрија со владините сили во Зелената зона доби позитивен одговор.
Вооружените сили поврзани со шиитскиот верски и политички лидер соопштија дека почнале да се повлекуваат по повикот.