Hakan Türkmen
18 Октомври 2022•Ажурирај: 19 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Иран ги осуди новите санкции наметнати од Европската Унија за иранските функционери и институции, најавувајќи одмазда, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани, ги нарече санкциите на ЕУ кршење на меѓународното право и јасен пример за мешање во внатрешните работи на Иран.
„Жално е што одредени политички мотиви, како и потпирањето на неосновани, искривени информации и измислени тврдења на непријателите на иранската нација и познатите медиуми поврзани со нив, се основата на таквата погрешна и неконструктивна одлука“, рече Канаани.
Тој додаде дека новите санкции се показател за продолжување на пристрасниот пристап и искористувањето на човековите права како алатка за постигнување политички цели.
„Иран веќе смета дека Европската Унија и нејзините членки ги кршат човековите права поради нивното недејствување и соработка во однос на незаконските санкции на Соединетите Американски Држави“, рече тој.
Тој најави дека Иран, како одговор, наскоро ќе воведе реципрочни санкции за релевантни европски поединци и институции.
Во понеделникот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ беше одлучено да се воведат санкции против 11 физички лица и четири субјекти за задушување на протестите во таа земја поради смртта на Махса Амини во полициски притвор.
Санкциите се насочени кон иранската морална полиција и двајца нејзини функционери, како и кон локалните раководители на иранските сили за спроведување на законот, и кон Иса Зарепур, министерот за информатичка и комуникациска технологија.