Burak Dağ
08 Февруари 2020•Ажурирај: 09 Февруари 2020
РИМ
Италија вчера ги повика завојуваните страни во Сирија да престанат со непријателствата во северозападната сириска провинција Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Борбата против терористичките организации не може да ги оправда неселективните напади на цивилните цели, училишта и болници“, се истакнува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Италија.
Во соопштението се нагласува дека стотици цивили се убиени, а повеќе од 500.000 избегале од своите домови поради сѐ пожестоките судири. Завојуваните страни се повикани да овозможат доставување на хуманитарна помош на луѓето на кои таа им е потребна.
„Ниту едно решение за сириската криза не може да произлезе од воена операција“, се вели во соопштението и се додава дека секоја резолуција треба да се темели на „веродостојност и инклузивен политичкиот процес“.
Од италијанското Министерство повикаа и на постојана поддршка на Геир Педерсен, специјалниот претставник на Обединетите нации за Сирија.
Провинцијата Идлиб, сместена во северозападниот дел на Сирија, е упориште на опозициските и антирежимските вооружени групи од почетокот на избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година. Во моментов Идлиб е засолниште на околу 4 милиони цивили, вклучувајќи ги тука и стотиците илјади раселени лица кои од своите домови се протерани од страна на силите на режимот на Башар ал Асад.
Турција и Русија во септември 2018 година се договорија Идлиб да го претворат во зона за деескалација на судирите, подрачје во кое актите на агресија се забранети. Меѓутоа, силите на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници постојано ги кршат условите за примирје, изведувајќи чести напади во границите на зоната, при што од стапувањето во сила на договорот досега се убиени најмалку 1.800 цивили.