Barry Ellsworth
12 Февруари 2022•Ажурирај: 13 Февруари 2022
ТРЕНТОН
Канадската покраина Онтарио воведе вонредна состојба, а полицијата ќе добие повеќе овластувања за да може да ги отстрани демонстрантите од мостот „Амбасадор“ и да го одблокира градот Отава, изјави премиерот на Онтарио, Даг Форд, известува Агенција Анадолија (АА).
Форд изјави дека економијата губи стотици милиони долари дневно бидејќи демонстрантите го блокирале мостот „Амбасадор“ меѓу Виндзор во Онтарио и Детроит во Мичиген во САД. Тоа е главна артерија која пренесува околу 750 милиони канадски долари (591 милион американски долари) дневно во трговијата меѓу двете земји.
„Блокадата на мостот и главниот град Отава во Онтарио предизвикуваат хаос и доколку демонстрантите не се разотидат, ќе има последици“, изјави Форд и додаде дека казните ќе бидат строги.
На демонстрантите кои нема да заминат, според неговите зборови, им се закануваат казни од 100.000 долари и една година затвор.
„Ова веќе не се мирни демонстрации“, рече премиерот Форд и додаде дека ситуацијата е „апсолутно без преседан“.
Форд рече дека ќе биде одржана седница на Владата за да се подготви нов закон што на полицијата ќе ѝ даде повеќе овластувања за отстранување на демонстрантите и блокадите.
„Се наоѓаме во критична ситуација“, рече премиерот и додаде дека ќе ги отстрани демонстрантите што е можно побргу.
„Она што започна како протест на камионџиите во Отава против задолжителната вакцинација, привлече и други демонстранти, од кои некои им припаѓаат на екстремните десно ориентирани организации. Протестите се проширија низ целата земја. Едно од барањата е да се укинат сите мерки што се однесуваат на Ковид-19.
Отава е речиси две недели во состојба на „опсада“, бидејќи демонстрантите со возила го блокираа центарот на градот.